• Мартин Танасковски
Македонскиот фудбалски првак Вардар го имаше пикирано нигерискиот фудбалер Уче Нвофор (26) како ново засилување, но во последен миг, трансферот не се реализира, а тој својата кариера ќе ја продолжи во босанска Слобода Тузла.
Наводно, Уче не пристигна во Скопје поради проблеми со работната виза, а негова наредна дестинација ќе биде босанска Слобода. Информацијата за трансфер ја потврди и претседателот на тимот, Сенад Мујкановиќ, кој најави дека Уче ќе пристигне во БиХ и дека доколку се заврши како што треба, во него гледа големо засилување.
Вардар во текот на зимскиот преоден рок загуби клучни фудбалери од првиот тим, меѓу кои се Бобан Николов и Висар Муслиу, младите репрезентативци во кои се гледаше иднина, но лесно беа ослободени. Си заминаа и Бесир Демири, Петар Петковски, Џаба Џигаури, Итало... а во тимот се донесени тројцата млади фудбалери Матеј Цветановски, Кристијан Тошевски и Јован Попзлатанов, како и младиот голман Филип Илиќ.
Најново име е камерунскиот фудбалер Жуниор Битанг, во кого се гледа како најзвучно засилување во овој преоден рок, но се уште не се познати неговите фудбалски квалитети затоа што не одигра тест-натпревар во „црвено-црната“ опрема. За Вардар во Анталија настапи само Лукман Харуна, фудбалер кој беше ослободен веднаш по подготовките и беше оценет како ризично решение за трансфер.
Уче е третиот фудбалер кој пред самата реализација на трансферот, не доаѓа во Вардар. Претходно, пропаднаа и трансферите на Густаво Марментини поради здравствени проблеми, како и Јаго Силва, кој иако беше најавен како ново име во таборот на шампионот, никогаш не пристигна во Скопје.
Управата на најтрофејниот тим, барем засега, не успева да најде решение за нападот кој е најболна точка на тимот. Во тимот има само двајца класични шпиц играчи, во Максим Максимов и младиот Бојан Колевски, а останатите фудбалери како Блажевски, Барсегјан... беа користени и ротирани на истата позиција, по потреба.
Вардар заостанува осум бода зад Шкендија, а токму првиот натпревар од пролетниот дел од сезоната и дербито во Тетово меѓу двата ривала може да го даде одговорот околу првакот оваа сезона во ПМФЛ.