Славниот Ригоберт Сонг повеќе не е селектор на Камерун

Ригоберт Сонг повеќе не е селектор на репрезентацијата на Камерун, јавија светските медиуми. Фудбалската федерација одлучила да му врачи отказ на досегашниот предводник, а информацијата официјално ја соопшти претседателот Самуел Ето.

Француски „Л'Екип“ пишува дека федерацијата не била задоволна од постигнатите резултати и затоа решила да не го продолжи договорот со легендата на камерунскиот фудбал. Домашните медиуми го посочија токму Сонг како виновник за лошиот настап на Африканскиот Куп на нации, каде Камерун испадна уште во осминафиналето, па овој потег веројатно беше и повеќе од очекуван. 

Најголемиот успех на Сонг беше победата над Бразил со 1-0 на Светското првенство во Катар, а функцијата селектор на Камерун ја извршуваше од почетокот на 2022 година. Екс-селекторот е вистинска фудбалска легенда во својата земја, за која во минатото настапи на вкупно 138 натпревари.