Славниот „Ел Матадор“ се повлекува од репрезентацијата на Уругвај

Легендарниот уругвајски напаѓач, Единсон Кавани, официјално објави дека се збогува со националниот тим и ја завршува својата репрезентативна кариера.

Ветеранот кој во моментов настапува за Бока Јуниорс, рече дека е горд на сите успеси со репрезентацијата и им се заблагодари на сите соиграчи и тренери со кои настапуваше низ годините. 

„Дојде време за крај. Мислам дека дадов максимум и секогаш со срце играв за Уругвај. Минавме многу прекрасни моменти, патувања, натпревари. Им благодарам на сите навивачи за љубовта и поддршката, без нив немаше да постигнеме ништо.

Имав одлични соиграчи, тренери и селектори. Сите тие се заслужни за моето обликување како фудбалер. Сакав да го освоиме Светското првенство, но за жал, не успеавме во тоа, иако бевме прилично близу. Одиме понатаму во нови предизвици“, напиша Кавани. 

Кавани дебитираше за Уругвај во 2008 година. Оттогаш одигра 136 натпревари, постигна 58 голови и стана втор најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата.

Учествуваше на четири Светски првенства, а најголемиот успех го забележа на Мундијалот во 2010 година, кога Уругвај стигна до полуфиналето и на крајот го освои четвртото место.