• Саше Љолес
Репрезентацијата на Сoединетите Американски Држави го освои петтиот златен медал од фудбалските турнири на Олимписките игри, откако во големото финале славеше над селекцијата на Бразил со минимални 1-0 (0-0). Американките го слават името на фудбалерката на Чикаго, Мелори Свонсон, која беше автор на единствениот погодок.
- Извештај од натпреварот:
Првото полувреме мина во знакот на внимателна игра од двете екипи, иако Американките имаа повеќе од иницијативата и трипати се заканија во рамките од голот. Бразил се обидуваше да проигрува преку страните и ги користеше неколкуте контра-напади, но резултатот до паузата не се промени, 0-0.
Вторите 45 минути започнаа во слично темпо, делуваше дека Американките се поблизу до отворање на резултатот, но „кариоките“ заиграа подобро и ја земаа топката повеќе во своите нозе. И кога се чинеше деа Бразил е во подобар ритам, Американките одиграа пеколна полуконтра, која ја круниса Мелори Свонсон во 58. минута и поведоа со 1-0.
Бразил се обиде да се соземе и да тргне во поголема офанзива, но времето полека одминуваше и во периодот околу 75. минута се чинеше дека јужноамериканките ќе се мачат да стигнат до израмнување. Американките малку повеќе мислеа на дефанзивата, но во одредени моменти излегуваа и високо на противничката половина, не оставајќи многу простор на ривалот и на крајот сосема заслужено го заокружија триумфот со конечни 1-0.
Поразот во финалето значеше и крај на кариерата за славната Бразилка, Марта, која престанува со активното играње фудбал по цели 22 години и 200 одиграни мечеви за „кариоките“. Во денешното финале одигра 68 минути, кога беше заменета и поздравена со громогласен аплауз од целиот стадион.
Најголемиот фаворит за златото на Олимписките игри ја оправда улогата и стигна до петтото најсјајно одличје во историјата. Соединетите Американски Држави имаат и еден сребрен медал од Игрите во Сиднеј, кои се одржаа во 2000 година.






