Славија со реми го исфрли Унион од КЛ, Витесе го префрли притисокот врз Тотенхем

Фудбалерите на Славија Прага приредија изненадување и со реми (1-1) во Берлин кај Унион се пласираа во плеј-офот на Конференциската лига на УЕФА. Германците доживеаја елиминација и ќе можат да се насочат кон настапите во Бундеслигата. Денешната средба не понуди погодоци во првиот дел, а Шранц донесе водство за Славија во 50. минута. Макс Крузе стрелаше за израмнување на Унион, но до крајот немаше нови промени на резултатот. 

Во оваа група рутинска победа запиша Феенорд против Макаби Хаифа (2-1), за потврда на првото место. Холанѓаните патуваат во осминафиналето, додека Славија ќе игра плеј-оф со третопласираните во Лигата на Европа.

Во групата Г, која е единствена некомплетирана, Витесе ја оправда фаворитската улога против Мура и победи со 3-1. Со тоа, притисокот е префрлен над Тотенхем на Антонио Конте, чиј натпревар против Рен беше одложен. „Петлите“ мора да го победат францускиот ривал, па со подобра гол-разлика ќе бараат место во доигрувањето. 

Грчки ПАОК го победи Линколн Ред Импс со 2-0 и го искористи киксот на Слован Братислава кај фаворитот Копенхаген (2-0) за второ место во групата Ф. Базел го избегна доигрувањето пред осминафиналето откако го доби Карабах со 3-0, а во групата Х играа уште Омонија и Каират (0-0).