• Мартин Танасковски
Нешто невидено досега се случува во срцето на Градскиот парк. Од самиот почеток на kick off фазата 28 јуни, па сè до претстојното големо финале на 19 јули, единствениот ФИФА лиценциран јавен настан за гледање на Светското првенство во Македонија, „Светско во Парк“, досега собра над 30.000 посетители. Градот Скопје конечно дише, навива и живее за фудбалот под отворено небо, докажувајќи дека ваков тип на манифестации му недостасуваа на градот.
Вчерашната полуфинална вечер донесе одлична атмосфера, илјадници кренати раце и адреналин кој го преплави теренот познат како „Вембли“ во Градскиот парк. Скопјани покажаа како се навива со цело срце, а возбудата продолжува и вечерва со второто полуфинале, каде се очекува уште еден голем спортски судир на патот кон светскиот трон.
Иако петок (17 јули) е ден без фудбалски натпревари, „Светско во Парк“ подготвува поинаква програма за своите посетители. Загревањето за финалниот викенд ќе започне со бесплатна стенд-ап комедија. Присутните ќе имаат можност да се опуштат и да уживаат во настапот на кумановските комичари од „Кабаре Кабает“, кој ќе започне во 20:30 часот, претставувајќи совршена увертира за она што следува во пресрет на викендот.
Недела, 19 јули, ќе претставува вистинска круна на ова незаборавно лето. На сцената во паркот, покрај преносот од најважниот фудбалски натпревар на годината, организаторите најавуваат посебно изненадување и настап на македонски музички ѕвезди кои ќе приредат вистински спектакл. За одличната концертна атмосфера пред и по натпреварот ќе се погрижат култната македонска група „Нокаут“, еден од нашите најистакнати диџеи – DJ Никифор, како и извонредната поп-ѕвезда Антониа Гиговска. Комбинацијата од врвен фудбал, освежителни пијалаци, одлична храна и концертна еуфорија на едно место гарантира настан кој долго ќе се памети.
Граѓаните и посетителите упатуваат огромна благодарност до организаторите на „Светско во Парк“ за реализацијата на овој феноменален проект кој го обедини градот и покажа дека Скопје вистински живее за фудбалот.
Влезот за сите настани, вклучително и за стенд-ап настапот и музичкиот спектакл, е бесплатен. Настанот се одржува на теренот веднаш после споменикот на Гоце Делчев. Повеќе информации и детален распоред можат да се најдат на официјалните профили @svetskovopark на Фејсбук (https://www.facebook.com/share/1BGu18GALP/) и Инстаграм (https://www.instagram.com/svetskovopark?igsh=MWdzNWFsc3NmcWUwaw==).


