ВИДЕО: Скопје против Победа до прво славје оваа сезона

Фудбалерите на Скопје се радуваа на домашниот натпревар против прилепска Победа (1-0), во рамките на шестото коло во Првата македонска фудбалска лига. Скопската екипа дојде до првата сезонска победа, откако претходно пет пати губеа од стартот на сезоната. Херој на мечот беше Христијан Кировски, кој уште во првиот дел ја обезбеди победата. 

Пресметката на стадионот „Железарница“ тргна со мирна игра, а повеќе ориентирани кон напад беа фудбалерите на Победа. Прилепчани имаа по некоја полушанса која не ја искористија и имаа за што да жалат, бидејќи домаќинот дојде до предност. Течеше 34. минута, по еден прекин одбраната не расчисти најдобро, следеше удар од далечина, голманот Тофилоски одбрани, но одбиената топка заврши кај Христијан Кировски кој ја смести во мрежата (1-0). 

Второто полувреме започна со стопроцентна шанса за Скопје. Кировски се најде осамен на втората статива и имаше два обиди од кои не успеа да погоди. Бргу потоа огромна можности имаше и Победа, меѓутоа се истакна голманот Ефремов. Темпото на игра како што течеше натпреварот опаѓаше, прилепчани имаа притисок над противничкиот тим, ама не успеваа да се вратат резултатски.

До крајот на натпрварот Скопје успеа да ја одбрани стекнатата предност, го затвори дуелот и прокнижи први бодови во лигата, а со тоа ја испрати Победа на последното место на табелата.