Скопје го презеде врвот, нови киксеви на Пелистер и Велазерими

Во втората Македонска лига регион запад беше комплетирано 12 коло. Во петте натпревари победија само Скопје и Лабуништа додека сите останати ремизираа.

Екипата на Скопје се радуваше на победа во ова коло, совладувајќи го тимот на Кадио со 2-0 на домашен терен. Стрелци на головите за домаќинот беа Арсим Љамалари во 25. минута и Вилдан Керим во 52. Со оваа победа Скопје се искачи на првата позиција на табелата со 22 бода. 

Лабуништа славеше победа на гости над Вардар од Форино со 2-1. Иако Вардар Форино поведе, сепак гостите дојдоа до пресврт и победа која ги носи на делба на втората позиција со 21 бод.

Екипата на Пелистер ја загуби водечката позиција со ремито без голови на гостувањето кај Дрита. Тимот од Боговиње сигурно е позадоволен со исходот бидејќи е во опасната зона на табелата и за нив секој бод е важен. Битолчани се моментално втори со 21 бод, исто колку што имаат Велазерими и Лабуништа. 

Гостивар успеа да му откине два бода на Велазерими 77 играјќи 1-1 на гостински терен кај еден од лидерите. Гостите поведоа уште во првата минута преку Бурак Менга, а Велазерими израмни од 11 метри со голот на Ајрадин Цуцули. Со овој бод Гостивар остана во борба за висок пласман, бидејќи разликата од првата до шестата позиција е само четири бодови. 

Екипата на Охрид го освои само осмиот бод оваа сезона на домашниот натпревар против Кораб играјќи идентично реми со по еден гол. Охриѓани рано поведоа со голот на Никола Секулоски уште во 6. минута, а Ујкан Муча му донесе бод на својот тим во 71. минута.