ВИДЕО: Скопје без сили во Струмица, бодовите останаа за Академија Пандев

Фудбалерите на Академија Пандев прокнижија три бода против Скопје (3-0), во рамките на петтото коло на ПМФЛ. Натпреварот, одигран на „Благој Истатов“ во Струмица, можеше да има и поинаков исход, меѓутоа гостите при резултат 1-0 промашија неколку шанси. Академија Пандев не го прости тоа, ги искористи можностите и дојде до победата. 

Пресметката во Струмица започна со иницијатива на домашната екипа. Академија Пандев повеќе ја имаше топката во нозете и градеше поопасни акции, а успеа да дојде до предност во 12. минута од средбата. По еден корнер кој го изведе Најденов, голманот Ефремов не успеа да ја скроти топката и му испадна на петерецот. На неа налета Диме Димов, но биеше во пречката, а одбиената топка во мрежата ја смести Димитар Митровски за 1-0. 

Скопје по примениот гол успеа да се консолидира, иако „пандевци“ се заканија и во уште една брза транзиција. До полувремето скопјани ја презедоа иницијативата и беа опасни, а најдобрите можности во завршницата на првиот дел ги имаа Калпачки, кој биеше со глава и Хајдари кој не го погоди голот. 

Второто полувреме продолжи со пониско темпо на игра, Скопје се обидуваше да се наметне и да се врати во натпреварот, меѓутоа домашната одбрана беше на нивото. Најдобрата можност во вториот дел за гостинската екипа не ја искористи Игњатов. Младиот фудбалер доби подарок од голманот Јовановски кој излета во празно, а еден од дефанзивците додаде до него, но Игњатов биеше над празниот гол. По промашувањето пристигна казната во мрежата на Ефремов. Акцијата се одвиваше по десната напаѓачка страна, Велиновски нафрли на пеналтикот, а таму Мите Цикарски го даде својот деби гол во дресот на Академија Пандев, за 2-0 и точка на победата. 

До крајот домашната екипа дојде и до третиот погодок во мрежата на Скопје. Акцијата тргна преку Најденов, му додаде на Сашко Пандев, а овој со лоб додавање го пронајде младиот Димитар Трајков, кој откосо погоди за конечните 3-0. 

„Пандевци“ ја запишаа втората победа, во пресрет на викенд пресметката со максималната Струга Трим Љум. Скопје, пак, со четири порази е на дното на табелата со Победа, а во следната рунда следи дуел токму против прилепчани.