Скаути на Арсенал и Тотенхем будно ги следат настапите на Елмас

Ељиф Елмас

Младиот фудбалер на Фенербахче, Ељиф Елмас, често е дел од насловните страници поради големиот интерес за него од голем број европски клубови.

Феноменалната дебитантска сезона во турското првенство ги натера екипи како Арсенал и Тотенхем да испратат скаути и лично да го следат развојот на нашиот репрезентативец.

Луѓе од тимот на Маурицио Почетино трипати биле на натпреварите на 19-годишникот оваа сезона. Тие се појавија на трибините на мечевите против Бешикташ и Истанбул Башакшехир во домашното првенство и против Трнава во Лига Европа.

Премиерлигашите се подготвени да се борат за талентираниот играч за кого постои голем интерес од Италија. Екипи како Интер, Наполи и Лацио веќе стапиле во контакт со турскиот гигант и запрашале за цената на македонскиот интернационалец.

Неговиот договор со Фенер истекува во 2022 година, но управата не исклучува негова продажба доклку пристигне примамлива понуда.

На 40 одиграни натпревари во Турција, Елмас постигна четири гола, меѓу кои и оној во дербито против Галатасарај.