Скапо го плати позитивниот допинг-тест: Четири години суспензија за стоперот на ХСВ

Хрватскиот фудбалер Марио Вушковиќ дозна за официјалната казна за допинг и е исфрлен од фудбалот до есента 2026 година.

Со оглед на тоа што неговата суспензија важи од ноември 2022 година, неговата казна ќе трае до 2026 година, или вкупно четири години. Засега од германски ХСВ, каде Вушковиќ има договор до 2025 година, не се огласи никој за овој случај. 

Во март минатата година, судот на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) го прогласи Вушковиќ за виновен за допинг и го суспендираше на две години. Адвокатите на Вушковиќ побараа ослободителна пресуда, додека Германската национална антидопинг агенција (НАДА) и Светската антидопинг агенција (ВАДА) побараа суспензијата да биде зголемена.

На крајот, претседателот на спортскиот суд Стефан Оберхолц го прифати барањето на НАДА и ВАДА, а за прекршување на антидопинг прописите ја зголеми казната на четири години.