Скандал во Серија А: Играч се тепаше со навивач по поразот во калчото (ВИДЕО)

Фудбалерот на Верона, Гифт Орбан, се најде во центарот на инцидент по поразот од Милан со 1-0, во натпревар одигран на стадионот „Бентегоди“.

Според италијанските медиуми, напаѓачот бил видно незадоволен по завршувањето на средбата и првично одбил да се фотографира со еден навивач. Ситуацијата дополнително се влошила кога друг симпатизер удрил по неговото возило, по што Орбан излегол од автомобилот.

Следувала вербална расправија која ескалирала во физички судир, а целиот настан бил снимен од присутни сведоци. Инцидентот веќе е предмет на истрага од страна на надлежните органи, а на местото на случувањето интервенирале и специјални полициски единици задолжени за безбедност на спортски настани. Снимките ќе бидат анализирани во наредниот период.

Орбан во Верона пристигна минатото лето како позајмен играч од Хофенхајм, со опција за откуп на договорот. Во текот на сезоната во Серија А, тој забележа седум голови и три асистенции на 28 натпревари, со што го привлече вниманието на повеќе клубови.