Скандал во Русија: Клуб од елитата исфрлен од лига заради местење!

Рускиот фудбал се соочува со еден од најголемите скандали во последната деценија, откако истрагите на надлежните институции открија организирана шема на местење натпревари. Во центарот на аферата се најде екипата на Торпедо Москва, клуб кој во последната сезона се врати во руската Премиер лига, но е исфрлен поради сериозни нерегуларности.

Комисијата на Фудбалската федерација на Русија му ја одзеде лиценцата на клубот за настап во највисокиот ранг и Торпедо следната сезона повторно ќе игра во Втората лига. Дополнително, клубот е казнет со парична глоба од пет милиони рубљи (околу 55.000 евра), додека двајца од водечките луѓе во структурата, Валери Скородумов и Леонид Соболев, добија долгорочни забрани за делување во фудбалот – десет, односно пет години.

Овие санкции следеа по опсежна акција на руската полиција и Федералната служба за безбедност (ФСБ), кои со месеци ја следеле активноста на клубот и прибрале цврсти докази за три сомнителни натпревари одиграни напролет – против екипите на Родина, Урал и Шињик. Сите тие средби се одиграле во Москва, а доказниот материјал вклучува и видео-снимки, како и комуникации меѓу инволвираните страни.

Истражните органи откриле дека претставници на Торпедо се обиделе да влијаат врз арбитражата и противничките клубови со цел обезбедување поволен резултат, со крајна цел – останување во елитната конкуренција.

Како последица на оваа афера, дури 30 судии и нивни помошници се отстранети од листата за судење во првата и втората лига на руското првенство. Фудбалските власти најавуваат дополнителни истраги и можна ревизија на резултатите од засегнатите натпревари.

ФОТО: ФК Торпедо Москва / website