Скандал во Грција: Полиција мораше да ја евакуира најдобрата судијка по финалето во Купот (ВИДЕО)

Екипата на Панатинаикос го освои Купот на Грција, откако во финалето слави во дуелот против Арис со минимални 1-0. Погодокот за победа падна во седмата дополнителна минута преку Ваџианидис, а по него следеше вистински хаос на теренот. 

Имено, натпреварот го судеше најдобрата дама меѓу арбиртите - Стефани Фрапар. Таа имаше полни раце работа, бидејќи покажа дури три црвени картони, од кои два беа за поразениот Арис. Поради тоа, по натпреварот фудбалерите во жолти дресови имаа што да ѝ кажат на судијката. Тие ја обиколија и бараа правда по мечот, а мораше да реагира и полициското обезбедување. 

Полицијата направи „ѕид“ за да ги одбрани Фрапар и нејзините помошници, па тие беа евакуирани од теренот. Лутите играчи на Арис ги следеа судијките до зад голот, довикуваа и сакаа да дојдат што е можно поблизу до нив. 

Инаку, Грците имаат пракса во последните години да ангажираат странски судии за дерби натпреварите во првенството и купот, па поради тоа судијката од Франција беше задолжена за овој меч.