• Саше Љолес
Француската полиција објави дека привела седуммина спортски работници поради сомнение дека се вмешани во скандал со наместени натпревари во втората и третата фудбалска лига.
Не е соопштено за кои лица се работи, ниту, пак, во кои клубови извршувале должност, но познато е дека нивните нелегални дејствија се одвивале најмалку две години. Во фокусот се четири клубови од вториот и третиот ранг во Франција, а се шпекулира дека сите обвинети заедно преку измама и проневера се збогатиле за скоро четири милиони евра.
Обвинителството веќе поднело кривични пријави против сите приведени, а јавноста наскоро очекува да ги дознае нивните имиња. Се очекуваат жестоки санкции за обвинетите, но и за клубовите во кои работеле.
Најстрогата казна што можат да ја добијат е осум години затвор, а клубовите би можеле дури и да бидат исфрлени од лигите, ако се утврди дека нивните управи систематски учествувале во договарањето на местените натпревари.