• Мартин Танасковски

Португалското правосудство официјално поднесе тужба против фудбалскиот клуб Бенфика од Лисабон за дела на корупција извршени во периодот од 2016 до 2019 година, со цел наместени натпревари во нивна корист, објавија денеска португалските медиуми.
Главен обвинет во најавениот судски процес е Луис Филипе Виеира, кој раководеше со клубот 18 години, до неговото апсење во јули 2021 година, во друг случај поврзан со нарушување на довербата и измама.
Медиумите објавија дека обвинителството утврдило дека Бенфика ѝ платила на Виторија де Сетубал да ја „пушти“ Бенфика да победи на два натпревари од португалската лига. Сето тоа се одвивало со „лажни трансфери“ на играчи од едниот во другиот клуб, а парите биле испумпани во касата на Виторија.
„Ќе се браниме од овие неосновани обвинувања. Бенфика и нејзините адвокати темелно ќе ги анализираат обвинувањата за кои беа информирани денеска“, се вели во соопштението на клубот.
Бенфика додаде дека сомнежите се однесуваат на „делата што му се припишуваат на нејзиниот поранешен претседател и поранешен советник“.
Јавното обвинителство бара Бенфика да биде суспендирана од сите натпреварувања во период од шест месеци до три години. Истото важи и за Виторија Сетубал.