• Мартин Танасковски
Чешкиот фудбал го потресе голем скандал, откако Фудбалскиот сојуз на Чешка донесе одлука да го исфрли Карвина од најсилната лига поради вмешаност во местење натпревари.
Клубот, кој неодамна го освои националниот Куп и обезбеди место во квалификациите за Лига Европа, доби и парична казна од десет милиони чешки круни, односно околу 450.000 евра.
Според одлуката на Етичката комисија на Сојузот, Карвина била вмешана во обиди за поткуп на двајца судии и двајца фудбалери со цел да влијае врз исходот на еден првенствен натпревар и две средби од плејофот во 2024 година. Клубот има рок од пет дена да поднесе жалба на донесената одлука.
Овој случај може сериозно да влијае и врз европските амбиции на Карвина. Со освојувањето на Купот, тимот директно обезбеди место во четвртото квалификациско коло за Лига Европа, но конечната одлука за евентуален настап во европските натпреварувања ќе ја донесе УЕФА.
