Скандал во Чемпионшип: Некогашниот прволигаш обвинет за шпионажа!

Сериозен скандал изби во англиската Чемпионшип пред полуфиналниот бараж за пласман во Премиер лига, откако ЕФЛ покрена дисциплинска постапка против Саутемптон по жалба од Мидлсброу.

Според информациите, клубот од „Риверсајд“ пријавил наводно шпионирање и неовластено снимање на приватен имот пред првиот натпревар од полуфиналето во плејофот. Од ЕФЛ потврдија дека Саутемптон е обвинет за прекршување на правилата и случајот ќе биде предаден на независна дисциплинска комисија. Во соопштението се наведува дека лигата побарала објаснување од Саутемптон по жалбата на Мидлсброу, која се однесува на наводно неовластено снимање пред саботниот натпревар меѓу двата тима.

Правилата на ЕФЛ јасно забрануваат клубовите да следат или да се обидуваат да следат тренинг на противнички тим во рок од 72 часа пред меѓусебен меч. Поради итноста на случајот, лигата најави дека ќе бара дисциплинската комисија што побрзо да организира сослушување. Засега нема официјален коментар ниту од Саутемптон ниту од Мидлсброу.

Во второто полуфинале, Хал Сити и Милвол одиграа без голови во првиот натпревар, додека директен пласман во Премиер лигата веќе обезбедија Ковентри Сити и Ипсвич Таун.