Скандал на тренинг на Германија: За малку избегната тепачка непосредно пред ЕП

Германската фудбалска репрезентација се подготвува за напад на највисок можен дострел на Европското првенство. „Панцерите“ се домаќин на претстојниот турнир, меѓутоа на неколку денови пред стартот на натпреварувањето се наѕира проблем. 

Имено, добро упатениот „Билд“ пренесува скандал на еден тренинг пред континенталниот собир. Според информациите, Антонио Рудигер и Никлас Фулкруг имале близок контакт и за малку физички не се пресметале на денешниот тренинг. Германците открија дека ситуацијата ќе ескалирала доколку во близина не биле останатите соиграчи кои ги раздвоиле двајцата фудбалери. 

Се верува дека Рудигер и Фулкруг играле на спротивни страни на тренинг натпревар во репрезентацијата. Во неколку наврати тие имале жестоки меѓусебни дуели, а последниот завршил со турканица и внесување лице в лице. 

Останува да се види како и дали селекторот Јулијан Нагелсман ќе го санкционира однесувањето на своите фудбалери. Едно е сигурно, вакви ситуации се непотребни кога целата германска јавност сонува напад на трофејот.