Скандал: Градоначалник, навивач на Интер, го „избрка“ Мората надвор од градот!

Фудбалерот на Милан, Алваро Мората изјави дека бил принуден да се пресели со семејството поради безбедносни причини, откако градоначалникот на Корбета открил дека шпанскиот фудбалер купил куќа во неговиот град.

Мората во јули се пресели од Атлетико Мадрид во Милано, а италијанските медиуми објавија дека купил куќа во Корбета, град на 27 километри западно од Милано, со цел да ја осигура приватноста на своето семејство.

Шпанскиот фудбалер беше бесен кога градоначалникот Марко Баларини ја сподели веста за доаѓањето на Мората на социјалните мрежи.

„Почитуван господине градоначалник, ви благодарам што ја нарушивте мојата приватност. За среќа, не поседувам никаков вреден имот. Моето единствено богатство се моите деца, чија безбедност ја загрозивте.

Мислев дека општината Корбета може да ми гарантира одредено ниво на приватност, но наместо тоа морам веднаш да се преселам поради вашата неспособност да ги користите социјалните медиуми и да ги заштитите вашите граѓани“, напиша Мората.

Баларини призна дека е фан на Интер, големиот ривал на Милан, но во најавата му посака добредојде на Мората.