• Мартин Танасковски
Турскиот фудбал повторно се соочува со сериозен удар врз својот углед, откако Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Турција донесе одлука да суспендира 149 судии на период од осум до дванаесет месеци поради учество во обложување на спортски настани. Против уште тројца официјални лица е отворена посебна дисциплинска постапка, а случајот предизвика големи реакции во јавноста и меѓу спортските кругови во земјата.
Според официјалниот извештај на федерацијата, спроведената внатрешна истрага открила дека од вкупно 571 лиценциран судија во турските професионални лиги, дури 371 поседувал активни сметки во онлајн обложувалници, а 152 судии редовно се обложувале на различни спортски натпревари.
Особено загрижувачки е фактот дека меѓу суспендираните има и 22 судии кои суделе во највисокото ниво на турскиот фудбал, Суперлигата, од кои седум главни и петнаесет помошни судии.
Претседателот на Фудбалската федерација на Турција, Ибрахим Хаџиосманоглу, остро реагираше на случајот, нагласувајќи дека довербата во спортот мора да биде апсолутен приоритет.
„Судиите имаат обврска да го штитат интегритетот на натпреварите и угледот на фудбалот. Судиската професија е чест и одговорност, а секој што ја нарушил таа чест нема повторно да има место во турскиот фудбал,“ изјави Хаџиосманоглу.
Во соопштението на федерацијата дополнително се наведува дека десет судии извршиле повеќе од 10.000 облози, додека 42 судии учествувале во најмалку 1.000 обложувања, што покажува дека проблемот не е изолиран, туку има пошироки размери. мИако засега не е потврдено дека некој од казнетите судии се обложувал на натпревари кои лично ги судел, федерацијата нагласи дека истрагата продолжува, со цел целосно да се утврди дали имало судир на интереси или манипулации со резултати.