Скалони: Во првиот меч добивме лекција, но мора да ги задржиме нашите вредности

Селекторот на репрезентацијата на Аргентина, Лионел Скалони вети дека „гаучосите“ ќе направат сè за да се пласираат во осминафиналето на СП 2022.

Еден од главните фаворити за трофејот претрпе изненадувачки пораз во првиот меч против Саудиска Арабија (1-2), а в сабота навечер се соочува со Мексико во својот втор натпревар на турнирот.

„Ќе играме како што секогаш игра Аргентина, нема да го промениме стилот поради тоа што се случи на натпреварот со Саудиска Арабија. Мора да свртиме нова страница и веќе го направивме тоа. Само треба да мислиме како да го победиме Мексико. Во првиот натпревар добивме добра лекција, но мораме да станеме и соодветно да реагираме. Нашиот тим е подготвен за тоа. Не се сомневаме во начинот на кој ќе му пристапиме на натпреварот. Добивме удар, но мора да ги задржиме нашите вредности“, рече Скалони.

Натпреварот меѓу Аргентина и Мексико се игра во вечерниот термин од 20:00 часот.