Скалони: Серијата без пораз е само бројка и не ни е важна

Вечерва легендарниот англиски стадион „Вембли“ ќе биде домаќин на третото „најголемо финале – Финалисима“ меѓу европскиот и јужноамериканскиот фудбалски шампион.

Во пресрет на спектаклот меѓу Италија и Аргентина, селекторот на „гаучосите“, Лионел Скалони вели дека серијата без пораз на неговите избраници е само бројка која што не им е важна во овој момент.

„Како играч, уживав играјќи на стадиони како овие и против вакви противници. Би сакале почесто да играме против европските селекции.

Нашата серија без пораз е само бројка, обична статистика и не ни е баш важна. Најважно е да знаеме што сакаме и каде сакаме да одиме. Мора да го искористиме моментот и искуството. Секогаш кога играш во дресот на Аргентина, секој натпревар е важен. ако можеме да освоиме трофеј, тоа е уште подобро“, рече Скалони.

„Албиселестите“ се во значително подобра форма, немаат пораз во сите натпреварувања од јуни 2019 година, а против Италија во последните пет меѓусебни пресметки имаат три победи и два реми исхода.