• Иван Димовски
Лионел Скалони не ги криеше емоциите по последниот натпревар на Лионел Меси за аргентинската репрезентација. „Гаучосите“ со 3-0 го совладаа Бенин, но резултатот остана во втор план по емотивното збогување со капитенот.
Селекторот на Аргентина призна дека за него било огромна привилегија да работи со Меси, со кого ја освои светската титула во 2022 година.
Аргентинскиот селектор со солзи зборуваше за периодот кој следува без најголемата ѕвезда на националниот тим.
„Ова беше остварување на сонот. Никогаш не замислував дека ќе бидам тренер на најдобриот фудбалер во историјата. Бескрајно сме му благодарни за можноста која ни ја даде, да бидеме покрај него. Солзите доаѓаат од толку многу мисли и искуства кои ми минуваат низ глава. Ќе биде многу тажно да не го гледаме повеќе со нас. Никогаш повеќе нема да има фудбалер како Лео“, изјави Скалони.
Меси и на последниот меч покажа зошто со години е лидер на Аргентина. Против Бенин постигна гол од пенал и запиша две асистенции, учествувајќи во сите три гола на својата репрезентација.
По натпреварот на „Монументал“ следуваше емотивна церемонија, на која аргентинските навивачи му приредија спектакуларно збогување на човекот кој ја предводеше Аргентина до светската титула, Копа Америка и уште бројни трофеи.




