• Иван Димовски
Лионел Меси вечерва последен пат ќе одигра натпревар за својата репрезентација на аргентинско тло. Во претпоследното коло од квалификациите за Светското првенство, „гаучосите“ на „Монументал“ ќе ја угостат Венецуела.
Избраниците на Лионел Скалони одамна обезбедија пласман на Мундијалот, но дуелот со Венецуелците сепак ќе има голема тежина поради еден посебен момент, тоа ќе биде простувањето на Меси со домашната публика на овој официјален натпревар.
Емоциите се почувствуваа уште на официјалната прес-конференција, кога прво новинар не можеше да ги задржи солзите, а потоа заплака и селекторот Скалони, свесен дека крајот на една ера е пред вратите.
Ова ќе биде негов последен официјален меч на домашно тло, пред настапот на Светското првенство и заминувањето во фудбалска пензија од националниот дрес.






