„Скај“ го суспендира Карагер за плукањето кон девојчето: „Го посрамотив фудбалот“

Фудбалска Англија денес бруи по недоличниот потег на поранешната ѕвезда на Ливерпул, Џејми Карагер, кој по натпреварот на „црвените“ против Манчестер Јунајтед од прозорецот на својот автомобил плукна 14-годишно девојче. 

Откако снимката беше објавена на социјалните мрежи, Карагер му се извини на семејството на младото девојче, но и покрај тоа телевизијата „Скај“ за која работи како стручен консултант, одлучи да го суспендира. 

Засега не е познато дали комплетно ќе биде отстранет од стручниот кадар на „Скај“, а по овој инцидент Карагер изјави дека жали за неговата постапка и дека со овој потег ја посрамоти фудбалската игра.

„Навистина жалам за мојата постапка. И јас имам ќерка на нејзина возраст и тоа најмногу ме боли. Едноставно го посрамотив фудбалот, тоа беше момент на „лудост“, вели Карагер. 

Прославениот англиски дефанзивец уште од 2013 година, кога ја заврши својата играчка кариера, е дел од „Скај“, а за многумина неговите анализи се меѓу најдобрите на Островот.