• Иван Димовски
Манчестер Сити остана во трката за шампионската титула во Премиер лигата, откако на домашен терен славеше над Брентфорд со убедливи 3-0 во натпревар од 36. коло.
Иако резултатот изгледа сигурен, избраниците на Пеп Гвардиола не минаа лесно против незгодниот ривал кој уште на стартот можеше да приреди шок. Кевин Шаде имаше одлична можност по уфрлување од аут, но Џанлуиџи Донарума успеа да ја сочува мрежата. Сити возврати преку Ерлинг Халанд, кој во првото полувреме двапати се закани, но Келехер беше на висина на задачата.
Брентфорд продолжи храбро и во вториот дел, а Игор Тиаго во 55. минута директно го тестираше Донарума. Сепак, пресвртот на натпреварот се случи кога Џереми Доку презеде одговорност. Белгиецот тргна од корнер линијата, имаше и малку среќа по одбиената топка, но на крајот одлично реагираше и донесе водство за домаќините.
Во 75. минута Сити веќе го реши победникот. По продорот на Антоан Семењо од десната страна следуваше атрактивна реакција со пета за 2-0. Конечните 3-0 ги постави Омар Мармуш во третата минута од судиското продолжение, со што дополнително го зголеми притисокот врз Арсенал, кој својот натпревар го игра в недела против Вест Хем.
Дополнителен адут за Сити е и фактот што тимот на Гвардиола има натпревар помалку, кој допрва треба да го одигра против Кристал Палас, а на табелата е на „минус два“ во однос на „топчиите“.

