• Иван Димовски

Фудбалерите на Манчестер Сити со убедливи 1-5 (0-2) кај Клуб Бриж се вратија на победите во Лигата на шампионите. Избраниците на Пеп Гвардиола сосема заслужено ја искористија доминацијата и убедливо со „петарда“ прокнижија нови три бода.
- Извештај од натпреварот:
Од самиот старт „граѓаните“ тргнаа офанзивно и го притиснаа домаќинот, а тоа резултираше со два поништени гола и неколку добри шанси. Резултатот конечно го отвори Жоао Кансело, по половина час игра. Португалецот доби прецизна топка низ средината од Фоден, па реализираше меѓу нозете на Мињоле. До полувремето, предноста успеа да ја удвои Ријад Марез, реализирајќи го пеналот кој беше направен врз него (0-2).
По стартот на полувремето, Манчестер Сити не препушти ништо на случајност. Веќе во 53. минута со голот на Кајл Вокер поведе и со 0-3, па така практично го реши натпреварот.
Следеше серија измени, а токму младиот резервист Кол Палмер беше стрелец на следниот гол. Деби-погодокот на талентираниот фудбалер во 67. минута му донесе предност на гостинот од 0-4. Почесен гол за домашните играчи постигна Ванакен, ама до крајот Марез со својот втор погодок ги постави конечните 1-5.
Сити со оваа победа го пренесе притисокот врз ПСЖ, кој вечерва игра против РБ Лајпциг и мора да победи за да се врати на првото место во групата.