• Горан Упале

Екипата на Манчестер Сити со победа ја започна одбраната на титулата во Лигата на шампионите. Англискиот гигант по пресврт славеше над Црвена Звезда со 3-1 и со тоа ги впиша првите бодови во групата Г, каде уште се натпреваруваат РБ Лајпциг и Јанг Бојс.
- Манчестер Сити - Црвена Звезда 3-1:
На „Итихад“ гледавме лудо прво полувреме. „Граѓаните“ доминираа во секој аспект, испратија дури 22 удари кон голот на српскиот шампион, но на водство први се радуваа „црвено-белите“. Во самиот финиш од првиот дел Букари им побегна на домашните дефанзивци и погоди за изненадувачко водство на Црвена Звезда од 0-1.
Сепак, само што започна вториот дел, работите си дојдоа на свое. Погодокот на напаѓачот на Црвена Звезда како да ги налути пулените на Пеп Гвардиола, кои во продолжение тргнаа моќно и експресно израмнија преку Алварез, на додавање на Халанд. Неколку минути подоцна по катастрофалната грешка на Глејзер, аргентинскиот ас реализира уште еднаш за пресврт и водство на Сити од 2-1. Точка на натпреварот стави Родри во 73. минута. Претходно, во рамки од оваа група РБ Лајпциг со сигурни 1-3 славеше на гостувањето кај Јанг Бојс.
Воведни три бода освои и екипата на Барселона. Каталонскиот гигант беше најубедлив вечерва и со 5-0 славеше на дуелот против Антверпен. Жоао Феликс, Левандовски и Батаил (автогол) погодија во првото полувреме, додека во второто Гави зголеми на 4-0, а Жоао Феликс со својот втор вечерашен гол ги постави конечните 5-0.
- Барселона - Антверпен 5-0:
Во групата Х во Хамбург, екипата на Порто славеше на соочувањето со Шахтјор со 1-3. Галено во осмата минута донесе водство за португалскиот тим, но Келси експресно израмни. Сепак, до крајот на првиот дел Галено одново ја стресе мрежата на Ризник, а Тареми со својот прв гол оваа сезона стрелаше за 1-3.
- Шахтјор - Порто 1-3: