ВИДЕО: Сити се измачи, ама со пресврт го исфрли второлигашот за финале во ФА Купот

Фудбалерите на Манчестер Сити ќе играат финале во ФА Купот, откако со пресврт го победија Саутемптон (2-1) на мечот на „Вембли“. Тимот предводен од Пеп Гвардиола се измачи за да дојде до овој триумф, бидејќи второлигашот одлично парираше и долго беше во игра за пласман во финалниот натпревар во најстариот куп.

  • Извештај од натпреварот:

Првото полувреме на култниот стадион во Лондон не понуди премногу, Саутемптон добро се бранеше и не дозволи ривалот да дојде до водство. Дури, Лео Скиенца ја стресе мрежата на Сити, меѓутоа беше во недозволена позиција и голот не важеше. 

Во вториот дел Гвардиола мораше да посегне по „посилно“ оружје, во игра влегоа Доку, Савињо, Халанд, Орајли... Ниту тоа не вроди со плод, бидејќи Фин Азаз донесе предност за Саутемптон во 79. минута и шок во делот од стадионот каде што беа навивачите на Сити. Успеаја „граѓаните“ да се консолидираат и на брзина да режираат пресврт за победа и финале. Прво Џереми Доку стрела за израмнување (1-1) во 83. минута, а потоа Нико Гонзалез го комплетира пресвртот и донесе триумф. 

Во второто полуфинале утре ќе се судрат Челзи и Лидс Јунајтед.