Сити поднесе нова жалба: Доказите јасно ги поддржуваат нашите ставови!

Манчестер Сити не се помирува со одлуката на независната комисија на Премиер лигата и официјално поднесе жалба во врска со утврдените прекршувања на финансиските правила.

Случајот кој со години е една од најголемите правни теми во англискиот фудбал сега продолжува пред апелационите тела. Во клубот сметаат дека заклучоците на комисијата се погрешни и дека постојат аргументи со кои можат да ја оспорат донесената одлука.

Сити веднаш по објавувањето на првостепената одлука реагираше остро, нагласувајќи дека не се согласува со наодите и дека располага со докази во прилог на својата позиција.

„Разочарани сме и изненадени од мислењето на комисијата на Премиер лигата. Клубот ги отфрла обвиненијата и смета дека доказите јасно ги поддржуваат нашите ставови“, порачаа од Манчестер Сити.

Англискиот клуб воедно најави дека ќе ги искористи сите правни можности што му се достапни. Од клубот тврдат дека во одлуката има суштински грешки поврзани со примената на правилата, правните принципи и оценката на фактите.

„Ќе ја искористиме можноста за жалба, бидејќи сметаме дека одлуката содржи материјални грешки во однос на правото, принципите и фактите и поради тоа не може да се смета за сигурна“, се наведува во соопштението.

Од „Етихад“ потсетија и дека целиот процес трае со години, изразувајќи незадоволство од начинот на кој Премиер лигата го водела случајот. Според ставот на клубот, постапката требало да биде спроведена независно и непристрасно.

Со поднесувањето на жалбата случајот добива ново продолжение, па конечниот исход сè уште не е познат. Оттаму, останува отворено и прашањето дали Манчестер Сити ќе биде санкциониран и какви би биле последиците доколку жалбата не биде прифатена.