ВИДЕО: Сити му се одмазди на Тотенхем и остана во трката за трофејот во Премиер лигата

За разлика од историското четвртфинале во Лигата на шампионите од пред три дена, кое заврши со 4-3, попладнево екипите на Манчестер Сити и Тотенхем одиграа дерби под очекувањата на неутрелните фудбалски фанови, кое на крај им припадна „граѓаните“ (1-0).

На „Итихад“ се играше досаден фудбал, без многу надигрување и малку шанси, но она што беше најпотребно за двете екипи успеа да го зграпчи Сити, односно да извојува победа која го враќа на лидерското место во Премиер лигата. На другата страна, пак, Тотенхем со овој пораз сериозно го загрозува своето место меѓу првите четири екипи на табелата, бидејќи со евентуални победи на Челзи и Арсенал ќе падне на петата позиција. 

  • Извештај од натпреварот: 

Денешното дерби започна фуриозно, откако по само пет минути игра младиот Фил Фоден на најдобар можен начин ја искористи добиената шанса и го стресе Газанига, за водство на Сити од 1-0. Раниот погодок наговестуваше нова голеада, но наместо тоа наидовме на доминација на Сити во поседот на топката и само неколку полушанси.

Ниту во вториот дел ситуацијата не се промени. Избраниците на Пеп Гвардиола искусно го чуваа резултатот, но во 58. минута малку фалеше Тотенхем да стигне до 1-1. Домашниот дефанзивец Вокер играше со рака во својот казнен простор, но Мајкл Оливер не се осмели да досуди најстрога казна за „петлите“ и покрај големите протести од страна на Деле Али

До крајот на мечот единствено за издвојување беа само шансите на Лукас Моура и Лерој Сане, но истите не завршија во посакуваната цел, па Сити заслужено на своето конто запиша нови големи три бода. 

Во следното коло Манчестер Сити го игра градското дерби со Јунајтед на „Олд Трафорд“, додека Тотенхем пред својата публика ќе го пречека Брајтон