ВИДЕО: Сити му одржа лекција на Ливерпул и со ЧЕТИРИ гола му ја честита титулата

Манчестер Сити му се одмазди на „заспаниот“ Ливерпул и со 4-0 го доби натпреварот од 32. коло во Премиер лигата. Избраниците на Пеп Гвардиола уште на полувреме направија огромна предност, а „црвените“ беа целосно инфериорни во нападот. Не се промени ништо ниту во вториот дел, па „граѓаните“ ја надополнија веќе убедливата победа.

  • Извештај од натпреварот: 

Откако на стартот безуспешно се закануваа Габриел Жезус и Мохамед Салах, стоперот на Ливерпул, Гомез прегрубо влечеше и Сити доби пенал. Кевин Де Брујне беше сигурен егзекутор на казнениот удар, па домаќинот од „Итихад“ поведе по 25 минути игра. 

Ниту по предноста Сити не застана и тргна по нов гол. Одново Жезус беше непрецизен, а водството го удвои Рахим Стерлинг во 35. минута. Англичанецот беше добро проигран од младиот Фил Фоден, па лесно го матираше Алисон. 

Пред паузата, „граѓаните“ стигнаа и до трет погодок во мрежата на гостите. Одличната акција и двојното проигрување на Кевин Де Брујне и Фил Фоден, беше крунисано со гол за 3-0 ии прашањето на победникот на ова дерби речиси беше решено.

По полувремето, Клоп реши да тргне поофанзивно и го замени Џо Гомез со Окслејд Чемберлејн за нова формација и поставеност на теренот. Ливерпул навистина тргна барем по некој погодок, но не успеваше да се врати и да го намали резултатот. 

Де Брујне беше еден од „виновниците“ и за четвртиот гол во мрежата на Алисон. Откако го проигра Стерлинг, а овој добро ја проследи топката покрај голманот, на неа налета Окслејд Чемберлејн кој си даде несреќен автогол за 4-0 во 66. минута. 

Веќе беше јасно каде ќе заминат бодовите од средбата, па Ливерпул речиси се откажа, но Сити не запираше. Резевистот Ријад Марез беше близу до нов погодок за момците на Гвардиола, но неговиот удар беше за малку непрецизен. Мароканецот во последните секунди од натпреварот ја погоди мрежата, ама неговиот гол беше поништен по преглед во ВАР собата.

Сепак, овој висок пораз ништо не менува на првенствената табела, Ливерпул секако ја обезбеди титулата, а Манчестер Сити има комфорна предност на втората позиција и не би требало да ја испушти до крајот.