ВИДЕО: Сити ја продолжи трката со Ливерпул, рутина на Пеп и „граѓаните“ во Хадерсфилд

Сити Хадерсфилд

Бранителот на титулата во Премиер лигата, Манчестер Сити, победи на гостувањето кај Хадесфилд (0-3) во рамки од 23. коло. Фудбалерите на Пеп Гвардиола повторно застанаа на -4 од лидерот и главниот конкурент за шампионскиот трофеј, Ливерпул.

Иако не беа на своето највисоко ниво, „граѓаните“ поведоа и имаа предност на полувремето. Гвардиола не беше задоволен од неколку од своите избраници кои потфрлија во градењето на играта пред домашниот гол. Сепак, среќата беше на страната на Сити кога Данило шутираше од далечина, а топката од Шиндлер заврши зад грбот на домашниот голман. Тоа беше 100-ти погодок за гостите во тековната сезона, учинок, со кој што ниту една екипа од најдобрите пет лиги во Европа не може да се пофали.

Зборовите на шпанскиот тренер како да ги мотивираа фудбалерите од „Итихад“, кои започнаа да редат конкретни напади во продолжението. Двојно водство беше обезбедено на самиот старт од вториот дел, а стрелец на голот беше Рахим Стерлинг, по одличната комбинација на Кевин Де Брујне и Лерој Сане.

Германскиот интернационалец се погрижи да ја запечати победата неколку моменти подоцна, кога ја искористи асистенцијата со глава на Серхио Агуеро за конечни 0-3. Следното коло за Сити носи гостување кај Њукасл, а за Хадерсфилд нов домашен натпревар против Евертон.