ВИДЕО: Сити и „ранет“ го совлада Арсенал, Артета без решение за учителот Пеп

Фудбалерите на Манчестер Сити во вистински момент им рекоа „стоп“ на лошите резултати во Премиер лигата и во вечерашното дерби против Арсенал извојуваа минимална победа од 1-0, во претпоследниот денешен натпревар од 5. коло на англиската фудбалска елита.

  • Извештај од натпреварот:

Иако се соочуваше со сериозни проблеми во составувањето на првиот тим, Пеп Гвардиола најде начин како да го надмудри својот „ученик“ на клупата на Арсенал, Микел Артета. По подолго време во првиот тим на „граѓаните“ се врати искусниот Серхио Агуеро, додека изненадување беше стартот на Фил Фоден, пред капитенот Фернандињо и германскиот репрезентативец Гундоган.

Токму Агуеро, кој последниот натпревар го одигра пред точно четири месеци, ја имаше првата посериозна закана кон голот на „топџиите“, но она што не му успеа на аргентинскиот ас, му успеа на неговиот соиграч од офанзивата, Рахим Стерлинг

Англискиот ас по една мешаница пред голот на Арсенал најде начин како да ја испрати топката до противничкиот гил и да го совлада Лено, па Сити уште од 23. минута стигна до водство од 1-0. Во продолжение момците на Артета притискаа кон голот на Едерсон, Сака испушти две големи шанси за израмнување, но до полувремето резултатот не беше променет. 

Ништо ново не донесоа ниту советите на менаџерите во соблекувалната. Арсенал можеби беше поблиску до погодок, но искусниот Сити знаеше како да се одбрани од Лаказет, Пепе и Обамејанг, па на крај трите бода заслужено останаа на „Итихад“.

Во оваа победа Сити се искачи на 10. позиција на табелата со седум бода, исто колку и Тотенхем, Лидс и Њукасл, додека Арсенал остана петти со 9 освоени бода.