• Иван Димовски

Во текот на вчерашниот ден се формираа четвртфиналните парови, но и патот до финалето во Лигата на шампионите. На едната страна на ждрепката се подготвува пекол, бидејќи среќата посака три големи фаворити да се судрат уште пред мечот за трофејот. Сепак, ништо помалку интересно нема да е и на другата страна на костурот.
Веднаш по извлекувањето, букмејкерите се фрлија на работа и според прикажаното сезонава, но и ждрепката, се одредија шансите на осумте учесници да дојдат до престижниот трофеј. Најмногу шанси му се даваат победникот од двомечот меѓу Манчестер Сити и Баерн Минхен. Интересно, на третото место е Наполи, пред Реал Мадрид, а изненадување е што на Бенфика ѝ се даваат поголеми шанси за трофејот, отколку на Интер, Челзи и Милан кој е на дното.
Во четвртфиналето Сити оди на мегдан со Баерн, а потоа вкрстуваат со подобриот од двомечот меѓу Реал и Челзи. На спротивната страна на костурот, Наполи ќе се судри со Милан, додека Интер налета на Бенфика. Четвртфиналните натпревари се на средината на април, додека полуфиналните речиси еден месец подоцна.