ВИДЕО: Сити гази и во ФА Купот, „граѓаните“ со „петарда“ го почестија Барнли

Фудбалерите на Манчестер Сити обезбедија пласман во осминафиналето на ФА Купот, откако на својот „Итихад“ го совладаа тимот на Барнли со убедливи 5-0 (1-0).

Избраниците на Гвардиола доминираа во текот на целиот натпревар и не им дозволија на гостите да направат некоја посериозна шанса во текот на сите 90 минути. Голот за водство за „граѓаните“ го постигна Габриел Хесус во 23. минута, по асистенција на Данило. Во вториот дел Бернардо Силва зголеми на 2-0, а во 61. минута Кевин Де Брујне донесе огромни 3-0. Во 73. минута Кевин Лонг ја погоди сопствената мрежа за предност за Сити од 4-0, а истиот фудбалер во финишот на мечот направи и пенал, кој сигурно го реализираше Серхио Агуеро за конечни 5-0.

Во пресметката на премиерлигашите, фудбалерите на Ватфорд на гостински терeн го совладаа Њукасл со 0-2 и обезбедија следна рунда во најмасовното англиско натпреварување. Водечкиот гол за гостите го постигна Андре Греј во 61. минута, а конечните 0-2 ги постави Сукцес во 91. минута.

Шроусбери Таун со головите на  Дочерти и Вотерфал во 71. минута имаше водство од 2-0 и беше пред победа против Вулверхемптон, но „волците“ преку Хименез во 75. минута и Доерти во  93. минута израмнија на 2-2 и се изборија за повторен натпревар.

Пласман во следната рунда обезбеди и тимот на Свонси, кој на домашен терен го совлада Гилингам со 4-1, а нови дуели ќе се играат на мечевите меѓу Брајтон - ВБА и Мидлсброу - Њупорт.