ВИДЕО: Сити е нов лидер, Вила скапо ја „продаде кожата“ во Манчестер

Манчестер Сити одигра уште еден меч во стилот на Пеп Гвардиола и со судни маки успеа да ја „скрши“ Астон Вила (2-0) во заостанатиот натпревар од првото коло од Премиер лигата. Домашните фудбалери доминираа на теренот и направија сè во своја моќ да го променат почетниот резултат, а тоа се случи дури во завршниот квартал од натпреварот.

  • Извештај од натпреварот: 

Поголемиот дел од мечот помина со кружење на фудбалерите на Сити околу казнениот простор на Вила. Тоа не донесе конкретни шанси, а трпението не ги награди избраниците на Гвардиола во првиот дел. Напротив, Рос Баркли ја имаше најсериозната шанса и да беше повнимателен ќе можеше да донесе шокантна предност на „Итихад“ за својот тим.

Добија шанса Марез и Габриел Хесус, но ниту тие не помогнаа да се надмудрат одбранбените фудбалери на гостите. Непрецизен обид имаше Гундоган, а Кансело можеше да стави крај на сите маки, но ја погоди само рамката од голот на Мартинез.

На крај херој стана Бернардо Силва кој пласираше во свој стил и погоди за водство на Сити. На погодокот му претходеше лошо исфрлање на гостинскиот голман на средината од теренот. Пеналот на Гундоган целосно го отпиша противникот и ја запечати новата победа на тимот од Манчестер.

„Граѓаните“ се искачија на врвот на табелата, а со тоа ја продолжија победничката серија во домашното првенство.