• Саше Љолес

Случајот со Манчестер Сити и наводните прекршувања на финансиските правила не запира да биде во центарот на вниманието. Долгогодишниот спор меѓу клубот и Премиер лигата сè уште нема конечна разрешница, а процесот досега донесе огромни правни трошоци.
Премиер лигата го обвинува Сити за сериозни прекршувања на финансиските регулативи, додека независната комисија го прогласи клубот за виновен по 115 од вкупно 115 точки. УЕФА, исто така, потврди дека биле утврдени прекршувања, додека Премиер лигата тврди дека во период од девет години приходите на клубот биле вештачки зголемени за околу 900 милиони фунти.
Случајот одамна ги надмина рамките на фудбалот и прерасна во една од најголемите правни битки во историјата на англискиот спорт. Во процесот се вклучени врвни адвокатски имиња, а Манчестер Сити во одреден период го застапувал и адвокатот кој претходно работел за поранешниот британски премиер Борис Џонсон.
Од другата страна, Премиер лигата ангажирала еден од најпознатите британски адвокати, Адам Смит, кој воедно има ангажман и како правен застапник на УЕФА.
Колкави се размерите на целиот процес најдобро покажуваат финансиските податоци. Според „Гардијан“, правните трошоци на Премиер лигата би можеле да надминат 70 милиони фунти. Адвокатите за британскиот медиум објасниле дека страната која ќе го добие спорот би можела да добие надомест од околу 70 отсто од трошоците од страна на губитникот.
Тоа би значело дека доколку Премиер лигата излезе како победник, на неа би можеле да ѝ бидат надоместени речиси 50 милиони фунти само за правните трошоци.
Во меѓувреме, независната комисија изготви документ од 40 страници во кој се наведуваат сериозни прекршувања на финансиските правила за кои Сити е прогласен за одговорен. Станува збор за процес кој трае веќе осум години и кој сè уште не е целосно затворен.
Манчестер Сити, од друга страна, и понатаму ги отфрла обвинувањата и ја оспорува одлуката, инсистирајќи дека не сторил ништо незаконско. Клубот во својата одбрана го доведува во прашање целиот случај и тврди дека против него е конструирана неправедна правна постапка.
