ВИДЕО: „Ситен вез“ на Барса, дебело наплатени сметките со Валенсија

Барселона целосно заздрави од лошите гостувања во Билбао и Памплона и како и против Бетис со голеада задоволи полн „Камп Ноу“. Во последниот саботен натпревар од четвртото коло на Примера, шампионот му се реваншираше на победникот на Купот на Кралот, Валенсија, победувајќи го со 5-2 (2-1). И на овој натпревар Валверде не можеше да смета на Меси и Дембеле, а Суарез остана на клупата за резерви.

  • Извештај од натпреварот: 

Стартот беше молскавичен и во знакот на 16-годишниот Ансу Фати. Момчето кое првпат почна од првата минута, во седум минути постигна прекрасен гол (трет за него сезонава) и подели асистенција за голот на Де Јонг за 2-0. „Лилјаците“, на чија клупа дебитираше Алберт Селадес, делуваа шокирано и им требаше половина час да се разбудат. Родриго и Гуедеш го загреаја Тер Штеген, а по прекрасната комбинација со Родриго, Французинот Гамеиро пред одморот намали на 2-1.

Немирот во таборот на Барса траеше само неколку минути на крајот од првиот дел. Продолжението започна со доминација и серија на инвидуални потези, кои завршија со ефектни голови во мрежата на Силесен. Токму холандскиот голман беше невнимателен во 54. минута, кога по ударот на Гризман, топката од дирекот се одби до Пике, а овој ја втурна во мрежата (3-1). Финишот мина во знакот на Суарез, кој само што влезе од клупата постигна спектакуларен гол за 4-1 во 61. минута, а потоа и во 82. минута по вторпат ја затресе мрежата на Валенсија за 5-1.

Најскапото засилување на Валенсија ова лето Макси Лопез со прекрасен гол на додавање на Черишев во судиското надополнување ги постави финалните 5-2. Барса стигна до седум бода и заостанува само два бода зад лидерот Атлетико Мадрид.