Сите трансфер грешки на Масимо Морати

Се ближи петти мај, датумот кој сите интеристи сакаат да го нема во календарот. Тоа е денот кој ако можат да го заборават сите „сино-црни“ би платиле, само некои детали од историјата да не се случеа. Но, Интер како на сите да ни стана некако близок. Дали поради Панчев, дали поради Пандев, дали поради тоа што некако сите долго време го сожалувавме „бродот“ на Морати кој долго време пловеше низ немирно море.

Заради огромната посветеност, која многу често на Морати му носеше тапкање по рамо и по некоја благодарница, а за титули мораше да чека преку 20 години. Но добро, упорен бил човекот и опстанал во време во кое само Ањели уште живее во фудбалскиот свет на „чизмата“. А одамна заминаа Крањоти, Сенси, Чеки Гори, Берлускони и уште многу, многу други. Во летото 1995 година Масимо дојде на претседателското место, заменувајќи го  Ернесто Пелегрини. Како нафтен магнат „полн како брод“, инспириран беше најмногу од историјата, која вели дека неговиот татко Анџело во ерата на Хеленио Херара, освои сè  што може да се освои и го прослави „сино-црниот“ дел од Милано. Пристигна Морати во полна финансиска моќ на неговите компании и на вториот главен акционер во клубот Марко Тронкети Провера (првиот човек на Пирели). Но, добро да избере никогаш не било добра страна на Морати. Често им верувал на погрешни луѓе, многу почесто бил сентиментален и влегувал од грешка во грешка. Како поинаку да се објасни парадоксот дека еден ист човек или клуб ги довел Роналдо, Фиго и Ибра, а воедно ги одбрал и Грешко, Окан и Феранте. Како тоа да му го објасните на интеристите. 

Една од првите операции на Морати беше продажбата на нашиот Панчев во Фортуна Дизелдорф за близу 600.000 евра, а претходно Пелегрини го купи од Црвена Звезда за 13 милиони евра. А  сè започна така добро, така ветувачки. Се сеќавам тоа лето 1995 година коментирав натпревари од Копа Америка во Уругвај. На тој турнир „експлодираа“ неколку екстра квалитетни млади фудбалери, а најдобрите два ги купи токму Интер. Хавиер Занети и Роберто Карлос дојдоа на „Џузепе Меаца“, првиот за седум, а вториот за 4,5 милиони евра. Суми кои доволно покажуваат дека Интер ја победил конкуренцијата и тоа го направил многу евтино. 

* Роберто Карлос во дресот на Интер

Јавна тајна е дека скаутите на Интер заминале во Аргентина да го „снимаат“ Ортега, а се вратиле со Занети во бележникот и во главата. Но, ако Занети стана мит на „нераѕурите“, Карлос по само шест месеци замина за Шпанија. Зошто? Затоа што тогашниот тренер Рој Хоџсон изјави дека таков лев бек може да се најде во било кој италијански второлигаш. Така рече и преживеа. А најлошо од сè  Морати и Леле Ориали му поверуваа и го испратија во Мадрид за нешто поголема сума од седум милиони евра. Подоцна ја знаете сторијата за еден од најдобрите и сигурно најтрофејниот лев бек во историјата. Дури и анонимниот Бразилец Кајо и англичанецот Пол Инс тоа лето чинеа повеќе од тандемот Занети-Карлос. Двајцата дојдоа како најголеми засилувања таа сезона од Сао Паоло и Манчестер Јунајтед, но брзо ја фатија вратата и нормално по ниски цени за да се потврди првиот неуспех на триото Морати-Ориали-Хоџсон. Како многу често, првиот човек на Интер мораше да менува тренер. А менуваше и играчи. И најчесто купуваше и едно и друго. И екстра-засилувања во вистинска смисла на зборот и промашувања за кои уште му се смеаат. Наредната сезона Луческу погоди многу од играчите кои ги побара (Џоркаеф, Симеоне, Кану), но трансферот на Сфорца од Баерн за четири милиони евра наредното лето ја доби наградата „Златна канта“, која во Италија главно ја добива најголемото промашување во сезоната. Купувањето на Алваро Рекоба во Италија важи за еден од ретките трансфери кои се реализирани од видео снимка. И тоа лично од Морати. Толку се заљубил во Уругваецот што веднаш наредил да се ангажира од Национал Монтевидео за 17 милиони евра обештетување и годишна плата од девет милиони марки. И плус до Рекоба дојде со фалсификуван пасош, за што Интер можеше скапо да плати, а му простија, како што му се простува на овој кој најчесто, скоро секогаш губи. Но, Рекоба влезе во проектот на Џиџи Симони, во кој или имаше големи шампиони, или играа играчи кои во Интер можеби заслужуваат да играат, ама во Интер Турку од Финска, а не од Милано. Значи екипа која го ангажира Луис Назарио де Лима Роналдо, Паоло Соуса и Иван Заморано, остави одбраната да ја водат Вест, Галанте, Миланезе, Сартор. Така во Италија не може. Таму одбраната е најважна. Одбраната и начинот на кој екипата колективно се брани. 

* Масимо Морати со тренерот Џиџи Симони и легендата на Интер, Луис Суарез

Затоа Симони го освои Купот на УЕФА во Париз против Лацио, а во првенството заврши втор ад Јуве. Во првенството во кое најмногу се памети судијата Пјеро Чекарини и дуелот Јулијано-Роналдо, Интер не можеше да парира најмногу заради таа одбрана, а не заради други фактори. Зошто Јуве ги имаше Ферара, Монтеро, Јулијано и на голот Перуци, а не интеровиот погрешен избор. Но добро, Морати многу често купуваше на квантитет, а не на квалитет, па често стигнуваа фудбалери кои не оставија трага на теренот, но и тоа како оставија во клупската каса. Беноа Кое и Нелсон Вивас беа погрешните инвестиции тоа лето. Сезоната 98/99 Интер преодниот рок го заврши со дебел минус од 72 милиони евра. А преодниот рок гледан од денешна перспектива му беше ужасен. Сите пари беа потрошени за Никола Вентола, Дарио Шимиќ, Осман Дабо, Себастијан Фреј, Микаел Силвестре, Бразилецот Жилберто. Сепак, сите тие фрлени пари можеа да се премолчат ако добро се проценеше еден млад талент кој скоро за без пари дојде од Бреша - Андреа Пирло. Дојде кај Симони, беше пратен на отстапка во Реџина под Марко Тардели, а одлуката за неговата иднина требаше да ја донесе самиот Морати пред да го назначи Марчело Липи. А тоа лето Морати направо „фараонски“ преоден рок, носејќи ги Виери, Зидорф, Панучи, Перуци, Кордоба, Муту, но се ослободи од Пирло. И го засили најлутиот ривал Милан. До душа за добри 18 милиони евра, но тоа испадна како најдобра можна медицина за издигање на „црвено-црниот“ комшија. 

И да се вратиме на фараонскиот преоден рок. Пак генијалци, створен тандем за страв на противничките одбрани Виери - Роналдо и пак груби грешки во валутацијата и серија на малери. Незгодите никогаш не доаѓаат сами. Микеле Серена како трета неуспешна замена за продадениот Роберто Карлос, па Григориос Горгатос, па Сирил Доморо, па времешниот Лоран Блан и пак ранлива одбрана. Но, и така работите одеа како што треба до седмото коло. Фантастичниот Липи личеше на тренерот кој го воскресна Јуве. Но, потоа во октомври ги загуби заради повреда и Роналдо и Вјери (двајцата кои подоцна ги шпиунираше заради бурниот живот), настана лоша клима во соблекувалната и во мај наредната година на мала врата ангажираниот Роберто Баџо го внесе Интер во Лигата на шампионите како четврти , а од титулата ниту мирисот. Се скрши односот на Липи со групата и дојде Хектор Раул Купер од Валенсија со одлично минато во европскиот фудбал. Мајорка и Валенсија му беа повеќе од добра препорака. Но, веќе го немаше Роналдо, барем не здрав Роналдо. Се потпре само на Виери, но многу повеќе внимание посвети на одбраната. Но, во преодниот рок ниту тој не се прослави. По само една сезона го трампаше Зидорф со Милан, за да добие малку или скоро ништо. Интер го доби Коко плус пари, а Милан триеше раце со среден ред кој му го подари Интер и тоа на распродажба. 

* Роби Кин во дресот на Интер

Во летото 2000 година Масимо Морати го донесе Ирецот Роби Кин од Ковентри Сити за 22 милиони евра. Неколку години подоцна призна дека го ангажирал само заради инсистирањето на неговиот син. Попаметно ќе му беше да му купи Ферари на синот, а не да добие нова „Златна канта“ со Интер. Наредното лето за осум милиони евра помалку, го врати на Островот во Лидс Јунајтед и пак погодуваше редовно, но разликата во стилот на фудбал на Италија и Англија е огромна, за Роби Кин недостижна. „Бисерите“ на Морати под Купер продолжија, само што сега исти ингеренции како Купер имаше и новиот спортскиот директор Марко Бранка - бивш играч на Интер, кого го купи баш Морати. Хакан Шукур од Галатасарај за скоро десет милиони, Фаринос од Валенсија за 17 милиони, Бруно Чирило од Рецина за осум милиони, Вратислав Греско како нов лев бек од Баер Леверкузен за шест милиони евра и за крај дури и Броки и Феранте. Контрастот на фудбалери кои треба да го носат дресот на Интер и оние кои не беа ни блиску до него, продолжи. Уште 70 милиони евра му даде Морати на Купер во летото 2001 година. Целта беше барем едно скудето, зошто полека трпението го губеа и навивачите. Толдо од Фиорентина за 29 милиони евра, Консеисао од Парма за 20 милиони, Матераци од Перуџа за 12 милиони евра беа операции кои се покажаа како добри инвестиции. 

Но, за идеалниот преоден рок да не биде идеален требаше само неколку дена во август, пред крајот на преодниот рок. Дојде императорот од Бразил Адриано и во Интер мислеа дека го имаат новиот Роналдо, кога веќе стариот заздравуваше од втората операција на лигаментите на коленото. Посебно по голот на трофејот „Бернабеу“, Морати веднаш си најде нов љубимец, си најде нов Рекоба. Адриано секогаш беше добар кога не играше за Интер. Одличен во Парма, во Фиорентина, одличен за Бразил на Купот на конфедерации, но во Интер... Во Интер беше лош, статичен, некомпитабилен со Виери, често со вишок на килограми. И не беша само Адриано. Дојдоа и Сорондо и Калон и Умит Давала и Томас Хелвег. Нов многу лош микс и нови промени. Единствено добро беше што Купер остана подолго од една сезона. Полуфиналето на Лигата на шампионите беше само најава за она што требаше да дојде во 2002 година. Но ја знаете сторијата за 5 мај 2002 година и прокоцканата предност пред Јуве за која нема ниту алиби, а ниту други виновници. Само Купер, Морати и фамилијата Интер. Дури заздрави и Роналдо за последните 3-4 кола и за Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја. И парадоксот да биде поголем, Интер го врати во живот, а Роналдо побара трансфер во Реал. И го доби за 46 милиони евра. А го имаше и Батустута на залез на кариерата, го имаше и Креспо и Фабио Канаваро и Матијас Алмеида, па и младиот Бернардо Коради, но таа 2002 година кога сите го видео скудетото во „Апјано Џентиле“, не било за да биде. И пак нова револуција. Купер остана уште многу малку, а промашувањата на трансфер пазарот немаа крај. Во 2003 година дојде Станковиќ, но скоро колку цената за него беше платен Енди ван дер Мејде од Ајакс. Холанѓанецот подоцна изјави дека периодот од Интер и подоцна од Евертон, главно го памети по алкохол, дрога и нездрав живот. Беа купени нови лажни феномени како Калулу Фадига од Оксер, Џереми Бреше од Лион, Лусиано (екс Ериберто), Пачеко, Вампета. 

* Вампета во дресот на Интер

Заврши ерата на Купер, дојде Манчини како надоаѓачки млад тренер од Лацио. Големо промашување беше обидот да се доведе Едгар Давидс од Барса. Холанѓанецот не беше компитабилен со стилот на Манчо и брзо замина во Тотенхем. Зе Марија, Фавали, Чутос, Карини, Окан, Карагунис се придружија на групата на купувања за ништо и без ништо. Но, Манчини донесе и нешто свое, нешто добро. Од своите соиграчи во Лацио и Сампдорија кај „нераѕурите“ дојдоа Верон, Михајловиќ, Камбиасо, Бурдисо. Но, таа сезона ќе се памети во „пареџитисот“ на сино-црните. Серија на нерешени резултати и само обично место во Лигата на шампионите и пак голема сенка зад Јуве и Милан. Се чинеше дека Интер го формира тимот за титула под Манчини. Во 2005 година по некој освоен Куп и Суперкуп дојдоа Самуел, Солари и Пизаро (кој брзо влезе во конфликт со Манчини и беше продаден). Дојдоа и една бивша „Златна топка“ - Луис Фиго и една „Златна канта“ - Пјер Воме. И како цела една епоха на Морати - или феномен или недораснат. Така му било судено на Морати. Најголемото засилување му се случи во летото 2006 година. Експлодира „Калчополи“ - страдаа скоро сите големи клубови, само не Интер. Напротив, Морати го собра најдоброто од тие „ранети“ гиганти и одеднаш преку ноќ Морати не купуваше повеќе лошо. Ибрахимовиќ, Виера, Мајкон, Жулио Цезар, Креспо, Дакур, Гросо. Со оглед на конкуренцијата следуваше првенство без првенство. Но, и така Ибра во последното коло ги извади „жешките костени“ во Парма. Ја знаете потоа сторијата за Манчини и Мурињо во која имаше екстра операции на пазарот и по некоја грешка, но Серија А веќе не беше иста. И тоа што го имаше Интер беше доволно. Зошто плус Киву, Ето, Милито, Снајдер, Лусио, Тиаго Мота, Пандев и тоа беше доволно за гренд-слем. За првата доминација на Интер на Морати. Имаше и глупости како Маниче, Мунтари, Манчини, Кварезма, Марига, Хименез, но кога се победува брзо се заборава. Мина периодот на Манчини и Мурињо и се вратија импровизациите. Дојде Леонардо, па Раниери, Гасперони, Страмачони. Ниту еден го немаше „кормилото“ цврсто в раце. И продолжија купувањата без врска и резон. Инвестирањето во Кутуњо и Биабиани, Интер не го препозна, го препознаа други. Па Каржа, Нагатомо, Форлан, Џонатан, Зарате, Кастањос, Переира, Скелото, Мудингаи, Гаргано, Силвестри и уште многу други. 

Ја научи ли лекцијата големиот газда? Еден од ретките кого го почитуваат скоро сите заради човечките вредности во Италија, но му недостига позитивната дрскост да „плива“ со другите „големи риби“. Ако со децении виновните беа сите кои го опркужуваат, само не тој и неговите соработници, овој пат Морати знае каде и кога грешел. Морати го продаде Интер на Ерик Тохир во 2013 година и грубо погреши. Го даде своето милениче во лоши раце, во несигурен проект, кај неискусни луѓе. Морати и натаму ќе остане џентлмен, но тоа што има повеќе промашувања на пазарот, отколку Ролинг Стоунс концерти, тоа стои. Што е многу, многу е. Време е за низок профил и наместо Интернационале, повеќе национале. Или во превод повеќе внимание на школите на клубот. Тие сигурно не можат да бидат во ништо полоши од работата на Морати и соработниците со децении и децении.

Зоран Мишевски