Сисе: Игравме против селекција од ТОП 5 на светот

Алију Сисе, селекторот на фудбалската репрезентација на Сенегал и покрај здравствените проблеми синоќа ги водеше своите избраници во осминафиналето на Светското првенство во Катар.

Но, „лавовите на Таранга“ беа целосно надиграни од Англија, а по поразот од 3-0 Сисе истакна дека противникот заслужено се пласира во четвртфиналето, бидејќи бил подобар ривал на теренот.

„Првите 30 минути беа интересни, имавме шанса да постигнеме гол, но не успеавме. Игравме против екипа која имаше големо влијание на теренот, и доби многу дуели. Примивме два гола на крајот од полувремето кои нè исфрлија.

Играчите не се предадоа, но ние сме 18-ти на ФИФА листата и игравме против екипа од Топ 5. Работевме со години да го подигнеме нивото на африканскиот фудбал. Мора да продолжиме понатаму за да играме на следното Светско првенство и мора да научиме од овој пораз“, рече Сисе.

Англија во четвртфиналето ќе го игра европското класико против бранителот на титулата Франција.