Сисе е болен, но ќе го предводи Сенегал во осминафиналето против Англија

Селекторот на фудбалската репрезентација на Сенегал, Алију Сисе е болен, но ќе биде на клупата за осминафиналето против Англија, изјавинеговиот помошник Регис Богаер.

„Неколку дена е болен и вчера ние го одработивме тренингот по негови упатства. Се надеваме дека денес ќе биде на теренот, но сигурни сме дека утревечер тој ќе биде тој што ќе го предводи тимот“, изјави Богаер на прес-конференцијата.

Асистентот на Сисе не прецизираше какви тегоби имал Сисе, само објасни дека има „ниска температура“ и затоа сите се малку загрижени.

Англија е фаворит во претстојниот осминафинален натпревар, но помошникот на африканската репрезентација истакнува дека верува оти изненадувачките резултати на овој Мундијал можат да го инспирираат Сенегал.

„Видовме дека Камерун може да го победи Бразил и дека Тунис може да ја победи Франција, така што знаеме и дека Сенегал може да ја победи Англија. Тоа е она кон што се стремиме“, рече асистентот на Сисе.

Натпреварот од осминафиналето на Светското првенство меѓу Сенегал и Англија е закажан за утревечер од 20:00 часот.