• Саше Љолес
Швајцарскиот клуб, Сион, ја прекина соработката со италијанскиот фудбалер, Марио Балотели. Тој веќе извесно време тренира одвоено од тимот и чека трансфер во Саудиска Арабија, од каде постои голем интерес за него.
Балотели важеше за еден од најдобрите светски фудбалери, но многубројните проблеми и неговото лошо однесување, придонесоа за неколку неславни етапи од неговата кариера. Италијанецот беше дел од најголемите европски гиганти, но последните неколку години забележа голем пад. Тој го побара својот „спас“ во турска Адана, а потоа и во Сион, и успеа да постигне 25 голови во вкупно три сезони, но се чини дека престојот во Швајцарија за него полека завршува.
Сион испадна од елитната лига, по што управата реши да го продаде Балотели, кој имаше договор до јуни следната година. Неколку тимови од Саудиска Арабија се сериозно заинтересирани за услугите на напаѓачот и тој наскоро ќе премине во новата хит-дестинација за многу играчи од Европа.
Медиумите во Италија пренесуваат дека четири клубови доставиле понуди до неговиот агент и тој ќе премине на арапскиот полуостров пред истекот на преодниот рок, кој кај Саудијците трае до 20 септември. Не е познато кој клуб е најблизу до неговиот потпис, но се претпоставува дека офанзивецот ќе заработува плата која нема да е пониска од 10 милиони евра годишно.
Марио Балотели во кариерата настапуваше за Интер, Милан, Манчестер Сити, Ливерпул, Ница, Марсеј, Адана Демириспор, Сион, Бреша и Монца. Вкупно досега има постигнато 157 голови во сите конкуренции. За италијанската репрезентација настапи 36 пати и постигна четиринаесет голови.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.