Синот на Карло Анчелоти именуван за нов тренер на шампионот на Бразил

До минатиот месец заедно работеа во Реал Мадрид, а сега заедно се селат во Јужна Америка, Карло и Давиде Анчелоти ќе работат во бразилскиот фудбал, откако денес и синот на трофејниот италијански тренер пронајде ангажман во земјата на петкратниот светски првак.

Давиде Анчелоти ја доби својата прва самостојна работа во својата тренерска кариера. Тој го презеде Ботафого, актуелниот шампион на Бразил и Јужна Америка. 35-годишниот Давиде беше блиску до Глазгов Ренџерс, но на крајот го презеде бразилскиот наместо шкотскиот гигант.

Давиде Анчелоти му помагаше на својот татко во Баерн, Наполи, Евертон и Реал Мадрид, а продолжи со истата работа откако Карло стана селектор на бразилската репрезентација. Сега тој ќе ја комбинира работата како помошник тренер во националниот тим со работата во Ботафого.

Тренерот на Ботафого на Светското клупско првенство, Ренато Паива беше отпуштен пред една недела. Сопственик на Ботафого е американскиот бизнисмен Џон Текстор, чие портфолио ги вклучува и Лион и Кристал Палас.