Симов: Многу е потешко кога си бранител на трофејот во Купот

Македонија ЃП успеа да ја одбрани титулата во Купот на Македонија и си обезбеди европско лето. Со победата над Струга Трим Љум по изведување на пенали (1-1 регуларен дел, 2-0 пенали), „лавовите“ дојдоа до важен успех за спас на сезоната.

По мечот, тренерот Горан Симов им честита на играчите за изданието и кажа дека триумфот е посебен затоа што многу е потешко да одбраниш титула во Купот, отколку да ја освоиш за првпат како предизвикувач.

„Ова беше тежок меч како и секое друго финале. Многу е потешко да се одбрани оваа титула, отколку да се освои по првпат. Честитки за играта на моите играчи. Имавме предност во првиот дел, во второто полувреме примивме гол, па очекувано, падна темпото на игра. Прашањето околу победникот го решија пеналите и на крајот ние бевме тие кои се радувавме“, изјави Симов.

Македонија ЃП лани играше исто во Европа како Куп-победник, а застана на првата пречка, во двомеч со бугарска ЦСКА Софија.