Симов: Македонија ЃП ќе направи сè за да го задржи Куп-пехарот

Македонија Ѓорче Петров во одбраната на трофејот во Купот на Македонија има пеколно тешка задача. Новиот првак на ПМФЛ, Струга Трим Љум ќе ги предизвика ѓорчепетровци со цел да ја обедини двојната круна.

На прес-конференцијата пред финалниот натпревар во најмасовното македонско натпреварување се обрати тренерот на „лавовите“, Горан Симов

„Ќе играме на добар терен, против силен противник и нè очекува убаво време. Се надеваме дека сè тоа ќе води кон убав натпревар, вистинско финале. Струга Трим Љум го освои трофејот во ПМФЛ и има одлични играчи, дел од нив многу искусни кои ги освоиле сите домашни трофеи. Ние сме максимално подготвени за финалето, мислам дедка притисокот ќе биде врз противникот. Македонија Ѓорче Петров ќе направи сè за да го задржи Куп-пехарот. 

Можеби не сум искусен многу како тренер, меѓутоа како играч видов сè во мак-фудбалот. Јас се надевам дека ќе дојдам до вториот пехар во ова натпреварување како тренер, нема големи тајни пред финалето. За Македонија ЃП ова е петто финале, додека за стружани е прво, надежта во финалето постои. Пеналите многу често одлучувале во претходните години, дај Боже пак да дојдеме во шанса преку нив да го освоиме трофејот“, изјави Симов.

Скопјани трофејот во Купот го кренаа минатата и во сезоната 2005/06. Ова за нив е шанса пак да се дојде до излез во Европа, додека за Струга Трим Љум да ја продлабочи историската сезона.