Симов: Дрита е ривал со кој Силекс може да се надигрува

Горан Симов, стратегот на Силекс, ја коментира ждрепката во Лигата на Европа каде во квалификациската рунда кратовчани ќе играат со косовска Дрита. Ждрепката им беше наклонета, добија ривал со кој може да се надигруваат, а со тоа се согласува и тренерот на тимот.

„Моментално во главата ми е само мечот со Ренова, ама за ждрепката ке кажам дека извлековме добар противник, не е некој како Карабах или Астана, за да кажеме дека тие се фаворити и слично. Може да се носиме со нив, но ќе мора добро да ги анализираме. Таму тренер е Ардиан Нухиу, играат уште Цуцули и Алими, играчи од ПМФЛ, па верувам дека тој тим има сличен менталитет како нашиот. Допрва ќе ги гледаме нивните квалитети. Мала предност е што ќе играме на домашен терен, ама може да се каже дека нашинците во редовите на косовскиот тим имаат повеќе натпревари на Арената во Скопје од нас. Како и да е, поволна ждрепка за Силекс, ама ќе видиме како ќе го искористиме тоа. На хартија добивме екипа со која може да се надигруваме, но мора да го сфатиме предизвикот сериозно“, ни изјави Симов.

Натпреварите од третото квалификациско коло за Лигата на Европа се планирани за 17 септември.