Симјановски и Јовановски му пристапија на битолски Пелистер

Веќе втор ден второлигашот Пелистер тренира на тревникот на „Тумбе кафе“ во Битола, а покрај Борче Маневски, нови членови на пелистерци станаа Мирко Симјановски, кој доаѓа од Неготино и Мики Јовановски од Лабуништа.

Преодниот рок за битолчани само што започна и се предвидува дека двојниот освојувач на Купот на Македонија ќе се засили во сите линии. Второлигашот остана без Петар Љамчевски, Јованчо Трајковски, Ристе Маркоски и Ристе Илијовски и потребни се адекванти замени за овие искусни фудбалери.

„Оваа година сакаме да го вратиме онаму каде и што му е местото на овој клуб - во Првата лига. Посакувам здравје, да нема повреди, да направиме атмосфера, сите напорно да работиме и на крај да се радуваме“, рече претседателот на клубот, Пеце Стојчевски.  

Поучени од минатата сезона кога не победија на ниту еден од првите седум натпревари, битолчани не смеат да си дозволат лош старт и постојано ловење на водството на директните конкуренти. Деновиве Дарко Крстески првпат ќе ја тестира екипата во пријателски натпревар против нисколигаш.