Симеоне: Среќен сум за Модриќ, но Гризман и Варан повеќе ја заслужија „Златната топка“

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Пабло Симеоне, смета дека фудбалерите на неговиот Атлетико секогаш биле во подредена улога во однос на оние на Реал Мадрид, иако според квалитетот не било воопшто така.

Аргентинецот неколку пати потенцираше дека „Златната топка“ единствено ја заслужува Антоан Гризман, но едно од највредните признанија во фудбалот заврши во рацете на Лука Модриќ.

„Играчите на Атлетико имаат многу потежок пат до големите признанија, во однос на оние од Реал Мадрид. Сакам да му честитам на Модриќ, имаше навистина извонредна сезона, но за мене најдобри се Рафаел Варан и Антоан Гризман“, изјави Симеоне.

Симеоне направи и една едноставна споредба, во која го спомена Тибо Куртоа, кој сега е член на Реал Мадрид, а претходно го носеше и дресост на Атлетико Мадрид.

„Смешно е, но ќе го кажам она што сите го знаат. Куртоа премина во Реал Мадрид и веднаш стана најдобар голман на светот, а кога беше кај нас, таа награда ја добиваше Кејлор Навас, кој бранеше во Леванте. Некои работи навистина немаат смисла. Во светот на фудбалот мора да знаеш каде си и што те чека, а тогаш и животот ќе ти биде полесен“, заврши Симеоне.

Лука Модриќ во синоќешниот избор на „Франс Фудбал“ ја доби „Златната топка“, а многумина сметаат дека Хрватот тоа не го заслужил. Но, ако се погледне минатата сезона, во која Модриќ беше моторот на Реал Мадрид и ја водеше Хрватска до финалето на Мундијалот, тогаш можеби и критиките на негова страна се сосема неоправдани.